Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека Владата презема чекори за ставање во функција на продуктоводот Солун-Скопје, кој со години е надвор од употреба и се очекува да биде оперативен до крајот на оваа година.
Иако во новинарското прашање беше спомната можноста за снабдување на Јужна Србија со нафтени деривати во контекст на американските санкции кон српската нафтената компанија „НИС“, Мицкоски нагласи дека трговијата со нафтените деривати е работа на приватните компании, а не на Владата.
„Нормално дека како Влада ја разгледуваме секоја можност, но ние како Влада не сме акционерско друштво за да ја снабдуваме Јужна Србија или другите земји, тоа го прават приватни компании коишто водат бизнис.“ - изјави Мицкоски.
Премиерот информираше дека испитувањата на цевководот се завршени и претстои фаза на проби на притисок. Тој посочи дека ценовникот за користење на продуктоводот е веќе усвоен од Владата.