Срушена нелегална доградба од ресторанот „Мечка“ што го блокираше тротоарот во Дебар Маало

Срушена нелегална доградба од ресторанот „Мечка“ што го блокираше тротоарот во Дебар Маало
Сподели:

Општина Центар денеска изврши уривање на нелегална доградба која беше дел од ресторанот „Мечка“ во Дебар Маало.

Инспекциските служби и механизацијата денеска излегоа на терен и ја отстранија бесправно поставената конструкција, која со месеци го блокираше тротоарот и зафаќаше дел од коловозот во фреквентната населба.

Со уривањето на овој нелегален дел, јавниот простор е повторно слободен за пешаците и за нормален тек на сообраќајот.

Градоначалникот Герасимовски истакна дека акцијата е резултат на непочитувањето на законските процедури од страна на сопственикот, и покрај повеќе претходни опомени од општината.

„Општина Центар ја урна нелегалната доградба која подолго време го блокираше тротоарот и дел од коловозот. По повеќе опомени и непостапување, инспекциските служби и механизацијата ја отстранија конструкцијата што го попречуваше нормалното движење. Жителите на Дебар Маало ја поздравија акцијата.“ - изјави Герасимовски.

Општината најавува дека ова е само дел од засилените контроли и активности кои ќе продолжат да се спроведуваат со цел да се воспостави ред и да се заштити јавниот интерес од нелегално поставени објекти на целата територија на Центар.