„Интекар Глобал“ планира нова инвестиција од 20 милиони евра во Неготино

„Интекар Глобал“ планира нова инвестиција од 20 милиони евра во Неготино

Компанијата „Интекар Глобал“, која е веќе етаблиран производител во индустриската зона Дуброво во Неготино, разгледува можности за нов инвестициски циклус вреден најмалку 20 милиони евра. Ова беше потврдено на денешната средба меѓу директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, и генералниот менаџер на компанијата, Махмутхан Келеш.

Денешните разговори се надоврзуваат на дијалогот започнат во ноември годинава, со фокус на конкретни можности за проширување на производните капацитети. Директорот Димовски ги претстави владините приоритети и ја истакна целосната подготвеност за поддршка на компании кои реализираат проекти со висока додадена вредност. Тој потенцираше дека државата останува посветена на создавање предвидлив деловен амбиент за сите инвеститори кои придонесуваат кон економскиот раст.

Генералниот менаџер Махмутхан Келеш ги презентираше досегашните резултати на „Интекар Глобал“ и ја образложи визијата за иден развој. Тој нагласи дека интересот за дополнително инвестирање се должи на потребата од продлабочување на соработката, но и на важноста од стабилна деловна средина и институционална поддршка за реализација на долгорочните планови.

Компанијата „Интекар Глобал“ е еден од водечките производители во индустријата за кабли, со широк спектар на производи кои вклучуваат нисконапонски, среднонапонски, соларни и специјални кабли. Нивното работење е препознатливо по високите стандарди за квалитет, енергетската ефикасност и силниот акцент на технолошкиот развој.

Оваа средба е дел од новиот концепт за активна комуникација со инвеститорите, со кој Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони преку партнерски однос цели кон отворање нови работни места и одржлив економски напредок на земјата.

Следете ги најновите вести на Viber
„Интекар Глобал“ планира нова инвестиција од 20 милиони евра во Неготино