Mакедонската полиција доби 120 нови службени возила од брендот „Peugeot 408“

Mакедонската полиција доби 120 нови службени возила од брендот „Peugeot 408“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска присуствуваа на промоцијата на 120 нови службени возила од брендот „Peugeot 408“ наменети за потребите на македонската полиција.

Оваа набавка, која доаѓа по пауза од една и пол деценија е чекор во напорите за модернизација и унапредување на материјално-техничките капацитети на Министерството за внатрешни работи.

Новите возила ќе бидат распределени во полициските единици низ целата држава, со што се очекува значително да се зголеми ефикасноста на терен и присуството на полицијата таму каде што граѓаните имаат најголема потреба.

Министерот Тошковски истакна дека станува збор за модерни и моќни возила опремени со најсовремена технологија, вклучувајќи ги „Тетра“ системите. Овие системи ќе им овозможат на полициските службеници на лице место да вршат проверки на евиденции и анализи на податоци, со што македонската полиција се изедначува со европските стандарди во поглед на опременоста и пристапот до информации.

Вкупната вредност на набавката изнесува 202 милиони денари, при што се остварени заштеди од над 30 милиони денари кои ќе бидат пренасочени за набавка на дополнителна опрема. Дополнителна предност е обезбедената петгодишна гаранција за редовен сервис, што значително ќе ги намали трошоците за одржување во иднина.

Премиерот Христијан Мицкоски го поздрави успехот на проектот, истакнувајќи дека Владата останува фокусирана на борбата против криминалот и корупцијата како врвен приоритет. Според него, подобрата мобилност на припадниците на МВР директно води кон намалување на стапката на криминал и поголема сигурност за сите граѓани.

Од МВР посочуваат дека оваа набавка е само дел од поширок процес за професионализација на службата. Покрај возилата, планот за модернизација вклучува и дигитализација на процесите, набавка на нова лична опрема за службениците и системски реформи кои треба да создадат современа и ефикасна полиција која ќе одговори на сите безбедносни предизвици.

Следете ги најновите вести на Viber
Mакедонската полиција доби 120 нови службени возила од брендот „Peugeot 408“