Мицкоски: Дата центрите се „новата нафта“, преговараме со голема мултинационална компанија

Мицкоски: Дата центрите се „новата нафта“, преговараме со голема мултинационална компанија
Сподели:

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата останува целосно посветена на стратегијата за изградба на дата центри и дигитализација на земјата. Тој откри дека во моментов се водат преговори со 5 до 6 потенцијални инвеститори, меѓу кои е и голема мултинационална компанија.

Според премиерот, податочните центри и вештачката интелигенција се глобален тренд и ја претставуваат „новата нафта“ во светската економија, а Македонија мора да го препознае тој момент доколку сака да фати чекор со развиените земји.

Мицкоски појасни дека Владата планира да ги создаде потребните инфраструктурни услови за овие инвестиции. Конкретно, стратегијата предвидува изградба на гасни централи кои ќе произведуваат електрична енергија, која потоа ќе се користи директно за напојување на новите дата центри.

Тој ги отфрли критиките за евентуална тајност и нагласи дека секоја странска или стратешка инвестиција ќе се реализира исклучиво јавно и транспарентно пред граѓаните. Во однос на проектот во Пехчево, премиерот прецизираше дека се работи за приватна иницијатива и нацрт-урбанистички план со кој државата нема директна поврзаност.

Премиерот се осврна на коментарите од опозицијата, оценувајќи ги како резултат на тотално непознавање на технологијата и современите економски текови. Тој посочи дека глобалните компании како Nvidia, Amazon, SpaceX и OpenAI тежат трилиони долари токму поради инвестициите во оваа технологија.

Мицкоски заклучи дека ова е патот за економски развој, зголемување на Бруто домашниот производ (БДП) и создавање услови за враќање на младите луѓе во татковината, додавајќи дека процесот е неповратен на глобално ниво.