Штипска „Актива“ ја изработува челичната конструкција за Универзалната сала во Скопје

Штипска „Актива“ ја изработува челичната конструкција за Универзалната сала во Скопје
Сподели:

Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, денеска изврши увид во тековните градежни активности за реконструкција и изградба на Универзалната сала во Скопје. За време на посетата, тој се информираше за динамиката и напредокот на теренските работи од страна на претставниците на изведувачот „Универзал Балкан“, надзорниот орган „ЕОС Е.Е. консалтинг“ и управителот со градбата „Мегарон Инженеринг“.

На самиот објект веќе се реализирани ископите на подрумското ниво, изведени се столбовите, спроведени се мерки за заштита на конструкцијата и започнато е поставувањето на првите челични елементи. Дополнителен и уште повидлив напредок на терен се очекува за време на претстојниот викенд.

Паралелно, во производствените капацитети на фабриката „Актива“ во Штип интензивно се изработува основната челична конструкција. Според предвидениот календар, транспортот и целосната монтажа на челичната конструкција (без трибините) треба да завршат најдоцна до средината на септември 2026 година.

Министерот Сулејмани изјави дека Универзалната сала е објект од непроценливо значење за културниот и општествениот живот на главниот град и целата држава. Тој апелираше за засилен интензитет и строго почитување на роковите за градот што поскоро да го добие својот културен симбол.