Уапсени двајца полициски службеници кои се осомничени за грабеж на златарница во Гостивар

Уапсени двајца полициски службеници кои се осомничени за грабеж на златарница во Гостивар

Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар покренаа истражна постапка против двајца полициски службеници од ОВР Кичево, осомничени за учество во големото разбојништво на златарница во Гостивар, од каде што на 10 октомври беа одземени 18 килограми злато.

Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, а Јавното обвинителство до судот поднесе предлог за одредување мерка притвор.

Според информациите од МВР и Обвинителството, двајцата полициски службеници се соизвршители во кривичното дело „разбојништво“. Тие, заедно со други засега непознати лица, на 10.10.2025 година влегле во златарницата во Гостивар и со употреба на сила и закана со огнено оружје го извршиле грабежот.

Осомничените се договориле и направиле план за грабежот со другите лица за кои интензивно се трага. Учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На денот на разбојништвото, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот.

Двете возила што биле искористени за грабежот подоцна биле пронајдени: едното запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, а другото напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.

Обвинителството побара притвор за осомничените поради опасност од бегство, можност за попречување на постапката со прикривање докази и влијание врз сведоците, како и опасност од повторување на делото.

МВР во координација со ОЈО Гостивар продолжува со мерки и активности за пронаоѓање и на другите инволвирани лица и целосно расчистување на случајот.

Следете ги најновите вести на Viber
Уапсени двајца полициски службеници кои се осомничени за грабеж на златарница во Гостивар