Вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје, ДООЕЛ „Флораком“ и ДООЕЛ „Луна“ денеска повторно излегоа на протест, изразувајќи незадоволство поради неисплатената плата за месец септември.
Тие извршија блокада на две клучни точки во Скопје – раскрсницата пред Зоолошката градина и булеварот „Илинден“ кај Матично.
Од синдикатите најавуваат дека доколку платата не биде исплатена во текот на денот, протестите ќе продолжат и во наредните денови со построги мерки.
„Доколку од страна на раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје, односно директорот, не биде исплатена и денес платата за вработените од овие три фирми, ја известуваме јавноста дека протестите ќе продолжат и наредните денови со блокада на влезовите на ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје во периодот од 06:45 до 09:00 часот“, се вели во соопштението.
Покрај основната плата за септември, вработените алармираат дека не им се исплатени и регрес за годишен одмор, јубилејни награди, отпремнина за заминување во пензија итн.
Вработените најавуваат дека ќе ги искористат сите законски права и ќе поднесат и поединечни тужби за да го добијат она што им следува согласно Колективниот договор и Законот.