Во периодот од 19 до 26 октомври, Општина Карпош и Град Скопје спроведоа обемна заедничка инспекциска акција на територијата на целата општина. Главната цел на овие засилени контроли е воспоставување поголем комунален ред, одржување на чистотата на јавните површини и доследно почитување на законските обврски од страна на граѓаните и правните лица.
Во акцијата се ангажирани вкупно 45 инспектори и комунални редари од двете институции, распоредени во пет критични реони и организирани во две смени. Теренските контроли опфатија надзор во областите на комуналната хигиена, заштитата на животната средина, сообраќајот, градежништвото, туризмот, спортот, патиштата и комуналните такси. Во дел од теренските патроли директно се вклучи и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски.
За време на еднонеделната координација, инспекциските служби реализираа вкупно 723 инспекциски и теренски надзори. Како резултат на констатираните неправилности, комуналните редари изрекоа 134 глоби, додека од страна на комуналната инспекција беа изречени уште 73 глоби. Анализирано по категорија на прекршители, санкционирани се 42 физички и 27 правни лица.
Посебен акцент за време на акцијата е ставен на населените места Бардовци и Злокуќани, каде покрај инспекциските контроли се спроведе и теренско чистење на јавните површини и отстранување на дивите депонии. Локалните власти најавија дека засилениот инспекциски надзор продолжува и во следниот период, со посебен фокус на урбаната заедница Злокуќани. Од Општина Карпош упатија апел до сите граѓани и деловни субјекти правилно да го одлагаат и селектираат отпадот со цел зачувување на хигиената.

