Пратеникот Бојан Стојаноски објави дека е поднесен Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос, со кој се планира конечно решавање на работниот статус на лицата кои со години работат со договорни ангажмани во јавниот сектор. Според Стојаноски, со ова законско решение се става крај на долгогодишната неизвесност за илјадници граѓани, овозможувајќи им сигурни работни места и целосна заштита на работничките права.
Законот предвидува конкретни рокови и регулативи кои треба да ги обврзат државните и јавните институции брзо и ефикасно да ги спроведат постапките за вработување на неопределено време за сите опфатени лица.
Предложениот текст предвидува трансформација на сите договорени ангажмани во редовен работен однос на неопределено време. За таа цел, на сите јавни институции им се дава стриктен рок од 90 дена за донесување на решенијата за вработување и за склучување на соодветните договори за работа. За да се спречат евентуални притисоци, во тек на спроведувањето на постапката е предвидена и заштита од раскинување на постојните договори за ангажман.
Дополнително, со цел да се стави ред во идното работење на јавната администрација, законското решение воведува ограничување според кое идните договорни ангажмани во институциите нема да смеат да надминуваат 10 проценти од вкупниот број на редовно вработени, освен во посебно утврдени законски исклучоци. Стојаноски упати благодарност до работниот тим кој работеше на подготовка на законот, како и до премиерот Христијан Мицкоски за дадената поддршка.

