Просечната откупна цена на тутунот од годинешната реколта се очекува да надмине 420 денари, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски. Тој своето обраќање го имаше на Форумот за ориентален тутун во организација на Меѓународната асоцијација на тутунопроизводители (ITGA) и Сојузот „Мака на тутуноберачите“, одржан во Прилеп.
Министерот додаде дека ресорното министерство активно ја координира целата подготовка на откупниот процес за да обезбеди прецизни договорни услови, фер и транспарентна проценка, како и навремено исполнување на финансовите обврски од страна на сите регистрирани откупувачи. Воедно, тој истакна дека сите надлежни инспекциски служби ќе постапуваат со сите законски овластувања со цел ефикасна заштита на правата и трудот на земјоделците.
Покрај остварениот приход од директната продажба, министерот Серафимовски најави дефинирана скала за дополнителна поддршка преку државните субвенции. Производителите ќе добијат субвенција од 80 денари за килограм за предаден тутун од прва класа, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа, што е во согласност со Стратегијата за производство на тутун 2021-2027 година.
За време на форумот е истакнато дека секторот тутунопроизводство директно ангажира околу 18.000 земјоделски стопанства во државата, а извозот на суров тутун и преработки создава значаен годишен девизен прилив од 140 до 150 милиони евра. Поради високите температури и летната суша кои влијаат врз приносот и квалитетот на листот, Министерството во соработка со Научниот институт за тутун во Прилеп и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје подготвува развојни политики за прилагодување кон климатските промени.

