Законски измени во јавните набавки: Квалитетот станува клучен критериум наместо најниската цена

Законски измени во јавните набавки: Квалитетот станува клучен критериум наместо најниската цена

Собранието на својата 122. седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки, подготвени од Министерството за финансии. Новите законски измени носат модернизација на целиот систем, зголемена транспарентност и поефикасно користење на јавните средства, усогласени со реформските приоритети од Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.

Меѓу клучните новини е унапредувањето на Електронскиот пазар за набавки од мала вредност, со цел поттикнување поголема конкуренција меѓу компаниите. Исто така, се воведува задолжителна примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“, со што се напушта практиката за избор исклучиво според најниската цена, ставајќи фокус на квалитетот и долгорочната економска оправданост.

Законските измени предвидуваат зајакната дигитализација и проширување на надлежностите на Бирото за јавни набавки преку воведување современи дигитални алатки и решенија базирани на вештачка интелигенција. Овие технологии ќе се користат за автоматско следење на постапките, навремено детектирање ризици и спречување на можни злоупотреби, а се овозможува и автоматска размена на податоци преку веб-сервиси со други државни институции.

За зголемување на јавниот увид, се воведува обврска за објавување известување за доброволна претходна транспарентност дури и кај постапките со преговарање без објавување оглас. Покрај тоа, се ревидираат надоместоците за жалбени постапки, се прилагодуваат вредносните прагови за примена на законот согласно со инфлацијата и се воведува континуирана професионална обука за службениците за јавни набавки наместо досегашната периодична ресертификација.