Реконструкцијата на спортската сала во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ во Кавадарци се одвива согласно предвидената динамика и влегува во својата завршна фаза, информираше градоначалникот Митко Јанчев. Градежните активности целосно го менуваат просторот, обезбедувајќи нов, современ и функционален изглед на објектот.
Проектот опфаќа поставување на нов спортски под, комплетно уредување на ѕидните површини, модернизација на осветлувањето, како и значително подобрување на системите за греење, вентилација и противпожарна заштита. Преку овие зафати се создаваат соодветни услови за побезбедно, поквалитетно и поудобно одвивање на наставата по физичко образование и сите спортски активности на средношколците.
За реализација на овој проект, Општина Кавадарци издвои инвестиција во вредност од 4.200.000 денари, односно околу 68,3 илјади евра од општинскиот буџет.
Од локалната самоуправа истакнуваат дека подобрувањето на училишната и спортската инфраструктура останува еден од клучните приоритети, со цел да им се овозможат современи услови за развој, рекреација и спортување на младите во Кавадарци.

