Мицкоски: Целта за следната година е капиталните инвестиции да го зголемат БДП за над 4%

Мицкоски: Целта за следната година е капиталните инвестиции да го зголемат БДП за над 4%

Премиерот Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања во Собранието, истакна дека капиталните инвестиции ќе бидат главниот фокус на Владата за следната година и се очекува да бидат клучен двигател на економијата.

Како крајна цел е поставен реален раст на бруто домашниот производ (БДП) од над 4%. Мицкоски посочи дека Владата и оваа година покажала резултати, наведувајќи го растот на БДП од 3% на 3,4%, а за третиот квартал очекува уште повисоки бројки, со оглед на растот од над 34% во реализацијата на капиталните и приватните инвестиции само во градежништвото.

„Нашата цел е да дојдеме до реален раст на БДП од 4% и повеќе во услови на ваква криза, посебно во автомобилската индустрија и во услови на геостратешките политички консталации и да дојдеме до номинален раст на БДП помеѓу 7,5% и 8%.“ - изјави Мицкоски.

Тој додаде дека номиналниот раст веќе се движи во тој правец, со 7,5% во првиот и 7,8% во вториот квартал, што претставува амбиција на Владата, истовремено да ги намали јавниот и државниот долг. Премиерот истакна дека јавниот долг е помал за речиси 2,8%, а државниот за 3,5% во однос на крајот на 2024 година, со однос на додадената вредност спрема задолжувањата од 2 спрема 1.

Мицкоски нагласи дека Владата е насочена кон реализација на сите капитални инвестиции. Вкупниот обем на капитални инвестиции кои се финансираат од централната влада (вклучувајќи ги и општинските проекти и програмите преку министерствата) достигнува половина милијарда евра, со очекување дека 75% до 80% од овие капитални инвестиции ќе бидат завршени.

Што се однесува до патната инфраструктура, премиерот очекува автопатот Кичево-Охрид да биде завршен најдоцна до првиот квартал на 2027 година, иако постои проблем со проектирањето на косините за стабилизација на земјиштето.

Мицкоски најави огромен напредок во реализацијата на Коридорите 8 и 10д и завршување на капитални проекти во други сегменти, како и отпочнување на нови.

Следете ги најновите вести на Viber
Мицкоски: Целта за следната година е капиталните инвестиции да го зголемат БДП за над 4%