Премиерот Христијан Мицкоски, денеска на собраниската седница за пратенички прашања, остро ја критикуваше одлуката на Уставниот суд за укинување на линеарното зголемување на пензиите.
Тој ја посочи судијката Добрила Кацарска како потписник на одлуката која ќе доведе до намалување на примањата за најголем дел од пензионерите.
„Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. Тоа значи дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд.“ - рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека ваквата одлука, иако фискално може да го намали товарот за Буџетот, претставува неправда за пензионерите. Тој објасни дека ниските пензии (од 8.000 до 12.000 денари) се резултат на процесите на транзиција и разграбување на македонското стопанство, а целта на линеарното зголемување била да се намали сиромаштијата и да се подобри стандардот.
„Замислете истовремено најверојатно следната одлука којашто ќе дојде од истиот суд е да ги одмрзнеме платите на судиите и обвинителите. Значи на пензионерите им се укинува правото, но затоа пак на овие обвинители и судии кои се незадоволни со 2.500, 3.000, 4.000 евра ќе треба да им се одмрзнат платите. Со ова ќе се нанесе неправда на пензионерите.“ - изјави Мицкоски.