Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) официјално објавија дека се повлекуваат од Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и поширокиот сојуз ОПЕК+, со одлука која стапува на сила на 1 мај 2026 година.
Овој стратешки потег, претставува еден од најголемите потреси на глобалниот енергетски пазар во последните неколку децении и го означува крајот на речиси 60-годишното членство на земјата во картелот.
Како клучни причини за оваа радикална одлука се наведуваат потребата за поголема автономија во домашното производство на енергија и долгорочната економска визија на земјата. ОАЕ, кои се рангирани меѓу првите десет светски производители на нафта, веќе подолго време изразуваа незадоволство од производните квоти наметнати од ОПЕК, кои ги кочеа нивните планови за максимално искористување на сопствените капацитети.
Дополнителен притисок извршија и актуелните геополитички тензии во регионот, вклучително и војната меѓу Иран и Израел, што доведе до значителни нарушувања во протокот на нафта низ Хормускиот Проток.
Повлекувањето на ОАЕ му нанесува тежок удар на влијанието на Саудиска Арабија, која важи за де факто лидер на картелот. Со напуштањето на заедничката политика за цени и квоти, Емиратите планираат постепено да го зголемуваат сопственото производство согласно пазарната побарувачка, наместо да ги следат досегашните ограничувања за намалување на понудата.
Одлуката на Абу Даби се толкува и како обид за забрзување на инвестициите во државната компанија ADNOC, со цел да се обезбеди економска стабилност и одржливост пред крајот на ерата на фосилните горива.







