Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објави најновите податоци за секторот риболов и аквакултура за 2025 година, кои покажуваат значителен пад на вкупните количини во споредба со претходната година. Вкупното производство и уловот на риба во земјава лани изнесувале 1.992 тони, што претставува намалување од дури 19,5% во сооднос со 2024 година.
Најголем удел во овој тренд има падот кај аквакултурата (вештачкото производство на риба), каде што се евидентирани 1.847 тони, односно за 21% помалку во споредба со претходната година. Од друга страна, уловот на риба од внатрешните води бележи позитивен тренд и изнесува 145 тони, што е зголемување за 5,1%.
Во однос на структурата на аквакултурното производство, доминира пастрмката со 1.175 тони, по што следува крапот со 546 тони, додека на останатите видови риби отпаѓаат 126 тони. Статистичарите нотираат дека во рамките на овој процес биле произведени и 126.781 килограм подмладок, при што виножитната пастрмка е најмногу одгледуваниот вид, како и 15,1 милиони парчиња икра. Како најчести капацитети за одгледување и понатаму се користат класичните рибници, базените, каналите и кафезите.
Податоците откриваат и дека во секторот рибарство и аквакултура во 2025 година биле професионално вработени вкупно 278 лица. Од нив, 129 работни места отпаѓаат во аквакултурата, а 149 лица биле ангажирани директно во рибарството. Исто така, регистриран е и голем интерес за рекреативниот риболов, со кој во текот на годината се занимавале 8.503 лица, меѓу кои доминираат мажите, односно само 70 биле жени.







