Бугарската национална компанија за железничка инфраструктура денеска распиша јавна набавка за изградба на нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Македонија. Ова е единствената делница што недостасува од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, со што Бугарија ги исполнува преземените обврски за целосно изградување на железничка врска меѓу двете земји.
Тендерот опфаќа проектирање и изградба на 2,4 километри железничка пруга, како и реконструкција на железничката станица Ѓуешево. Вредноста изнесува 114 милиони лева (околу 58 милиони евра), а рокот за завршување на активностите е до крајот на 2028 година.
Покрај ова, објавен е уште еден тендер – за модернизација на 17-километарската делница од Перник до Радомир. Овој проект вклучува изградба на двојна железничка пруга за брзини од 160 километри на час. Вредноста на овој проект изнесува 462 милиони лева (околу 236 милиони евра), а рокот за завршување е до средината на 2029 година.