МВР со апел до граѓаните: Внимавајте на лажни СМС пораки за казни од „Безбеден град“

МВР со апел до граѓаните: Внимавајте на лажни СМС пораки за казни од „Безбеден град“
Сподели:

Министерството за внатрешни работи ги предупредува граѓаните за нова појава на фишинг напади преку лажни СМС пораки, електронска пошта и социјални мрежи. Напаѓачите се претставуваат како систем за известување од „Безбеден град“ или Одделот за моторни возила со цел да измамат граѓани и да им извлечат пари за наводни сообраќајни прекршоци. Во фишинг пораките е наведен лажен линк кој ги пренасочува корисниците кон измамнички веб-страници каде што се бара извршување на уплата или оставање лични податоци.

Како да ги препознаете вистинските пораки од МВР?

Официјалните СМС известувања за направен сообраќаен прекршок пристигнуваат исклучиво со ознака 'MVR-SC'. Текстот во пораката задолжително ги содржи регистарските таблички на возилото со кое е направен прекршокот. https://safecountry.mvr.gov.mk е единствениот валиден линк и формат преку кој се извршува проверка.

Препораки за заштита од интернет измами

Поради зачестените обиди за злоупотреба, Секторот за компјутерски криминал апелира граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и пораки добиени од непознати броеви или верифицирани испраќачи. Исто така, никогаш не треба да се споделуваат лични податоци, броеви од банкарски картички, PIN кодови или лозинки преку неовластени канали.

Потребно е секогаш да се проверува адресата и доменот на испраќачот бидејќи сите официјални државни институции и компании користат службени домени. Дополнително, се препорачува активирање на двофакторска автентикација (2FA) за заштита на сите онлајн сметки и банкарски апликации.

Доколку забележите или добиете сомнителна порака, веднаш пријавете во надлежните полициски станици или во вашата матична банка. Секторот за компјутерски криминал веќе спроведува активни истраги за откривање и санкционирање на сторителите на овие измами.