Владата обезбеди над 10 милиони евра за поддршка на откупот на оризова арпа и грозје од сортата „вранец“

Владата обезбеди над 10 милиони евра за поддршка на откупот на оризова арпа и грозје од сортата „вранец“
Сподели:

Владата донесе одлука со која се менуваат и дополнуваат условите за користење на средствата од компензационите фондови, со цел да се обезбеди финансиска поддршка за откупот на оризова арпа и винско грозје од сортата „вранец“. Кредитната линија ќе се реализира преку Развојната банка пред почетокот на главниот откупен период.

Вкупниот расположлив износ на средства изнесува 793,48 милиони денари (околу 10,1 милиони евра). Од нив, 240 милиони денари се наменети за откуп на оризова арпа, додека 553,48 милиони денари се издвоени за винското грозје „вранец“.

Целта на овој финансиски инструмент е да се создаде основа откупот да се одвива навремено, а предадениот род од земјоделците да биде исплатен во точно утврден рок. Барањата за користење на средствата ќе се разгледуваат според редоследот на пристигнување. Максималниот износ на кредитот за откуп на „вранец“ ќе изнесува до 130 милиони денари, додека за оризовата арпа е утврден лимит до 30 милиони денари.

За сите одобрени кредити е предвидена фиксна каматна стапка од еден процент годишно, без плаќање на еднократна провизија за управување со кредитот. Рокот на отплата за оризовата арпа е до шест месеци, а за грозјето до девет месеци. За двете намени е обезбеден грејс-период до три месеци со квартална отплата на обврските.