Во успешна акција на царинските службеници на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило спречен е обид за шверц на голема количина цигари. Запленети се вкупно 5.000 штеки цигари без акцизни маркички, чија вредност се проценува на девет милиони денари (околу 146.000 евра). Возачот на камионот е приведен, а против него веќе е поднесена кривична пријава.
Според официјалните информации од Царинската управа, товарното моторно возило било пријавено за транзит од Грција кон Србија. Согласно приложена документација, камионот требало да превезува единствено градежни материјали, односно камена волна.
При извршената детална контрола на возилото, царинските службеници над палетите со пријавената стока откриле 100 непријавени и необележани кутии, во кои се наоѓале по 50 штеки цигари.
Возачот на камионот, српски државјанин кој се обидел да ја прокриумчари непријавената стока, веднаш е лишен од слобода. Против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“ до Основното јавно обвинителство Гевгелија.

