Регистрациите на нови автомобили во Европската Унија забележаа благ пад од 0,7% во првите седум месеци од 2025 година во споредба со истиот период минатата година. Сепак, само во јули, растот на регистрациите изнесува 7,4% на годишно ниво.
Податоците објавени од Европската асоцијација на производители на автомобили укажуваат на јасен тренд кон електрификација. Иако падот на вкупните регистрации е присутен, пазарот на возила со алтернативен погон продолжува да расте, додека традиционалните мотори со внатрешно согорување губат удел.
Во периодот од јануари до јули 2025 година, хибридните електрични автомобили го задржаа статусот на најпопуларен избор меѓу потрошувачите, со пазарен удел од 34,7%. Вкупниот број на регистрирани хибридни возила достигна 2.255.080, а растот е особено силен на четирите најголеми пазари: Франција (+30,5%), Шпанија (+30,2%), Германија (+10,7%) и Италија (+9,4%).
Во исто време, електричните автомобили на батерии зазедоа удел од 15,6%, со вкупно 1.011.903 регистрирани возила. Ова претставува значително зголемување во споредба со 12,5% во истиот период во 2024 година. Три од четирите најголеми пазари за електрични возила (Германија, Белгија и Холандија) забележаа раст, додека во Франција е регистриран пад од 4,3%, и покрај позитивниот пораст во месец јули. Plug-in хибридите исто така забележаа силен раст, со удел од 8,6% на пазарот.
Спротивно на електрификацијата, пазарниот удел на автомобилите на бензин и дизел е намален. Заедничкиот удел на овие два типа на мотори падна на 37,7%, во споредба со 47,9% во истиот период лани.
Регистрациите на бензински автомобили се намали за 20,1%, а нивниот пазарен удел падна на 28,3%. Сите големи пазари забележаа двоцифрен пад, предводен од Франција (-33,6%), Германија (-25,9%), Италија (-17,8%) и Шпанија (-12,6%). Пазарот на дизел автомобили се намали за 26,4%, достигнувајќи удел од 9,5%.