Божиновска за Денот на рударите: За шест месеци собрани 574 милиони денари од концесии

Божиновска за Денот на рударите: За шест месеци собрани 574 милиони денари од концесии
Сподели:

По повод 28 Август - Денот на рударите, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, упати честитка и порака до сите рудари, геолози, инженери и работници во секторот. Таа истакна дека во средиштето на рударската индустрија отсекогаш бил и мора да остане човекот, неговото достоинство и неговата безбедност на работното место.

Во своето обраќање, министерката презентираше конкретни показатели за значењето на оваа гранка. Во 2025 година се произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, при што рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и 2,8 проценти во вкупниот извоз на земјата.

Исто така, во 2025 година се наплатени рекордни 1,22 милијарди денари од концесиски надоместоци. Овој позитивен тренд продолжува и во 2026 година, каде само во првите шест месеци се собрани речиси 574 милиони денари - повеќе од двојно во споредба со истиот период од 2024 година. Од овие средства, 78 проценти одат директно во буџетите на општините каде што се врши експлоатацијата за изградба на патишта, водоводи и училишта.

Министерката најави дека се подготвуваат нови законски решенија за рударство и геолошки истражувања, како и долгорочна Стратегија за минерални суровини. Целта е воспоставување на попредвидлива регулатива, построги еколошки стандарди според европските практики и задолжителна рекултивација на земјиштето по завршувањето на експлоатацијата.

Таа потенцираше дека државата нема да дозволи развој по секоја цена и дека за неодговорното работење и непочитувањето на безбедноста на работниците нема да има никаков компромис.