МВР: Странските возила преку „Безбеден град“ можат онлајн да ги проверуваат и плаќаат сообраќајните казни

МВР: Странските возила преку „Безбеден град“ можат онлајн да ги проверуваат и плаќаат сообраќајните казни

Министерството за внатрешни работи упати потсетување до сопствениците и возачите на возила со странски регистарски ознаки дека сите сообраќајни прекршоци направени на територијата на државата се евидентираат преку системот „Безбеден град“.

За олеснување на постапките, во функција е веб-апликацијата „Безбеден град“, која овозможува брза проверка на евидентираните прекршоци, увид во издадените прекршочни платни налози и нивно директно електронско подмирување. Користењето на апликацијата е доброволно и служи како олеснителна можност за регулирање на обврските пред напуштање на земјата.

Возачите кои нема да ја искористат електронската апликација, информација за евентуалните сообраќајни прекршоци ќе добијат при самиот излез од државата, односно на граничниот премин Табановце. На овој премин овозможена е наплата исклучиво со платежна картичка, додека плаќањето во готовина не е овозможено.

Од МВР најавуваат дека веќе се преземаат соодветни активности за проширување на овој систем за проверка и наплата на глобите и на останатите гранични премини ширум земјата.