Компанијата „Алкалоид АД Скопје“ го забележа своето 22. учество на најреномираниот светски собир во областа на фармацијата, CPhI (Convention of Pharmaceutical Ingredients). Настанот годинава се одржува од 28 до 30 октомври во Франкфурт и собра повеќе од 62.000 посетители и над 2.400 изложувачи.
Тимот на „Алкалоид“ е составен од 35 претставници од различни организациски сектори, кои за време на трите саемски дена планираат повеќе од 400 деловни средби. Агендата вклучува состаноци со постојни партнери, добавувачи и нови потенцијални соработници.
Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, истакна дека CPhI претставува стратешка глобална платформа за следење на најновите научни и технолошки достигнувања.
„За „Алкалоид“, CPhI овозможува директен увид во најновите трендови и технологии – од вештачката интелигенција и одржливите производствени практики до нови молекули, формулации и решенија за оптимизација на глобалниот синџир на снабдување. CPhI е единствена можност за средби со постојни и потенцијални партнери.“ изјави Мукаетов.
Тој додаде дека „Алкалоид“ уште во раните 2000-ти години ги препознал можностите што ги нуди овој собир за вмрежување, градење партнерства и следење на клучните трансформации во генеричката фармацевтска индустрија.
CPhI, во текот на своето три и пол децениско постоење, прерасна во најголемата меѓународна фармацевтска заедница, обединувајќи стотина илјади експерти и компании кои придонесуваат кон напредокот на глобалниот фармацевтски синџир.