СВР Скопје денеска (28.10.2025) поднесе кривична пријава против две раководни лица од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, поради сомненија за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“.
Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје против С.Р. (38), во својство на в.д. директор, и А.С. (55), како управител за отпад во претпријатието. Тие се сомничат дека го сториле кривичното дело од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Според пријавата, осомничените постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на нивната основна дејност за редовно собирање и транспортирање на отпадот во Скопје. Се сомничат дека со пропуштање на целосниот надзор и со непрописно управување со отпадот, овозможиле во текот на месец октомври да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на контејнерите.
Ова, пак, предизвикало значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата, и го довело во опасност животот и здравјето на граѓаните од можна појава на заразни или други болести.
Сомненијата се утврдени и констатирани со вонредни инспекциски надзори извршени од овластени локални инспектори за животна средина, кои постапувале по насоки на Јавното обвинителство.
Како дополнителен доказ служи и експертско мислење од ЈЗУ Институт за јавно здравје, кое го потврдува влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања.