Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, денеска на прес-конференција го презентираше Предлог-буџетот за 2026 година, кој претходно беше усвоен од Владата и наскоро ќе биде доставен на усвојување во Собранието.
Проекцијата предвидува вкупните приходи да изнесуваат 374,7 милијарди денари (околу 6 милијарди евра), додека вкупните расходи се проектирани на 413,9 милијарди денари (околу 6.7 милијарди евра).
Растот на бруто-домашниот производ е проектиран на 3,8%, додека растот на инфлацијата е 2,5%.
Предвидено е намалување на буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 39,2 милијарди денари (околу 636 милиони евра), што е намалување од 0,5% во однос на претходната година.
Министерката истакна дека проекцијата на даночните приходи за 2026 година се темелат на раст од 6% во однос на 2025 година, односно зголемување за околу 12 милијарди денари.
Во однос на расходите, значителен пораст има кај социјалните категории: средствата за социјални трансфери се проектирани на 206,3 милијарди денари (околу 3.3 милијарди евра), што претставува раст од 6,7%. Платите се проектирани на 52,6 милијарди денари (околу 854 милиони евра), со раст од 7%, при што е опфатено и зголемувањето поради порастот на минималната плата.
За пензиите се предвидени 116,8 милијарди денари (околу 1.9 милијарди евра), што е пораст од 9,7% во оваа категорија.