Стопанска банка оствари добивка од 44,65 милиони евра во првите девет месеци од годинава

Стопанска банка оствари добивка од 44,65 милиони евра во првите девет месеци од годинава

Стопанска банка АД - Скопје ја објави финансиската анализа за работењето во периодот од 1 јануари до 30 септември. Во услови на стабилни макроекономски движења, умерена инфлација и економски раст во земјата, Банката оствари добивка пред оданочување во износ од околу 44,65 милиони евра.

Остварениот финансиски резултат претставува намалување од 18 проценти во споредба со истиот период минатата година, што во најголема мера се должи на трендот на намалување на пазарните каматни стапки, променетите регулаторни услови и одредени еднократни ефекти од 2025 година кои не се присутни во тековниот оперативен циклус.

Нето-приходите од камати во анализираниот период изнесуваат околу 62,66 милиони евра и бележат намалување од 7 проценти во споредба со истиот период од минатата година, што е директен резултат на прилагодувањето на каматните стапки кон референтните движења.

Додека каматните приходи од кредитирањето се под притисок на пониските стапки, а каматните расходи забележаа пренасочување на средства од сметките по видување кон орочени депозити, како значаен компензаторен механизам се покажаа каматните приходи од позициите за ликвидност, вклучително меѓубанкарските пласмани и вложувањата во хартии од вредност.

Од друга страна, нето-приходите од провизии и надоместоци остварија значителен раст од дури 38 проценти и достигнаа околу 13,26 милиони евра. Овој скок главно произлегува од намалувањата на трошоците за провизии кои ги наплатуваат надворешните добавувачи, пред сè како резултат на ексклузивното партнерство со нов картичен провајдер и миграцијата кон Mastercard картичките.

Нето-приходите од курсни разлики останаа стабилни на ниво од околу 2,4 милиони евра, додека останатите приходи од дејноста изнесуваат околу 7,63 милиони евра.

Вкупната актива на Стопанска банка АД - Скопје на крајот од третиот квартал достигна околу 2,60 милијарди евра, што претставува зголемување од 2 проценти во однос на декември минатата година. Притоа, паричните средства и паричните еквиваленти бележат раст од 8 проценти и изнесуваат околу 390,28 милиони евра.

Нето-кредитите и побарувањата од останатите комитенти се зголемени за 4 проценти и изнесуваат околу 1,85 милијарди евра, додека кредитите кон банки бележат раст од 20 проценти и достигнаа околу 7,32 милиони евра. Намалување од 21 процент бележат вложувањата во хартии од вредност, кои изнесуваат околу 258,19 милиони евра, што е последица на нивно пренасочување кон поддршка на кредитна активност.

На страната на изворите на финансирање, вкупните депозити од останатите комитенти остварија раст од 3 проценти и изнесуваат околу 2 милијарди евра. Вкупниот капитал и резервите се зголемија за 5 проценти и достигната ниво од околу 487,76 милиони евра, со што е потврдена високата капитална стабилност на установата.

Во структурата на материјалните средства е забележан раст на недвижностите и опремата за 283 проценти на околу 69,45 милиони евра, што се должи на официјалното активирање и евидентирање на новата деловна зграда на Банката, која го поседува првиот LEED Gold сертификат за одржлива градба во Македонија.

Исто така, во текот на годината се реализирани исплати на дивиденда за приоритетните акции во бруто-износ од 6,00 денари по акција односно вкупно 1.364.664 денари, како и дивиденда за обичните акции во бруто-износ од 59,00 денари по акција или вкупно 1.030.150.620 денари.