Германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“, официјално донесе одлука за проширување на својата инвестиција во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 2.
Првичната инвестиција на компанијата, која веќе ја гради својата втора фабрика во зоната, се зголемува од 126 милиони евра на 140 милиони евра.
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, оствари средба со менаџментот на „Гересхајмер“ за да разговара за досегашниот напредок и плановите за проширување. Димовски истакна дека ова зголемување на инвестицијата претставува позитивен сигнал за успешноста на политиките на Дирекцијата и Владата.
Тој посочи дека зголемената доверба од инвеститорите е потврда дека државата нуди стабилна, предвидлива и конкурентна бизнис клима, клучна за реализација на долгорочни високотехнолошки проекти кои ќе донесат висока додадена вредност за целата економија.
Томас Мартинс, директор на фабриката на „Гересхајмер“ во Скопје, изрази големо задоволство од соработката со ДТИРЗ и Владата, нагласувајќи дека токму стабилната поддршка и отворената комуникација биле клучни фактори во одлуката за проширување.
Мартинс истакна дека оваа проширена инвестиција ќе генерира пошироко индустриско и економско влијание врз регионот, вклучувајќи повисоки технолошки стандарди, зајакнати мрежи на добавувачи и очекувано зголемување на просечниот годишен раст на продажбата на локацијата, при што се очекуваат и нови високо платени работни места.
Од ТИРЗ најавија дека продолжуваат активно да работат на унапредување на деловната клима, со цел привлекување нови странски директни инвестиции и поттикнување на постоечките инвеститори за проширување на своите проекти, зацврстувајќи ја позицијата на Македонија како атрактивна локација за странските инвеститори.