Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против еден правен субјект од Струмица и неговиот сопственик и управител, А.З. (46) од Струмица.
Тие се сомничат за сторено кривично дело „Даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот закон, извршено во три наврати.
Според полицијата, пријавениот правен субјект и неговиот управител во текот на 2023 година ја избегнале законската даночна обврска со тоа што пријавиле помал излезен данок. Пријавениот износ на затаен данок на додадена вредност (ДДВ) изнесува 1.986.083 денари (околу 32 илјади евра).
Понатаму, правното лице и управителот не пресметале и не уплатиле данок на личен доход во вкупен износ од 3.888.722 денари (околу 63 илјади евра).
Дополнително, при извршената контрола од Управата за јавни приходи (УЈП) во финансиската документација, констатирани се непризнаени расходи, што довело до зголемување на даночната основа за данок на добивка за 2023 година за 3.889.072 денари (околу 63 илјади евра).
Со овие дејствија, пријавените во 2023 година го оштетиле државниот Буџет во вкупен износ од 9.763.877 денари (околу 158 илјади евра).