Големо откритие кај Битола: Пронајдени едни од најголемите неолитски печки во Европа и редок ритуален погреб на новороденче

Големо откритие кај Битола: Пронајдени едни од најголемите неолитски печки во Европа и редок ритуален погреб на новороденче

Неодамна завршија археолошките истражувања на познатиот локалитет Велушка Тумба кај Породин, кои донесоа ексклузивни и меѓународно значајни откритија за животот на првите земјоделци во Пелагонија пред цели 8.000 години. Проектот се спроведува како плод на меѓународна соработка помеѓу Н.У. „Завод и музеј“ – Битола и Центрот за истражување на предисторијата, со активно учество на Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел. Со истражувањата раководат д-р Гоце Наумов и вишиот кустос Јасмина Гулевска, додека археоботаничките анализи се под координација на д-р Феран Антолин и д-р Амалиа Сабанов.

Оваа неолитска населба функционирала континуирано во текот на неколку стотици години на почетокот на шестиот милениум пред новата ера. Низ вековите, куќите се граделе една врз друга, создавајќи тумба висока околу 4 метри со остатоци од десетина архитектонски слоеви. За време на овогодишната кампања, археолозите работеа на еден од овие објекти каде што открија ѕидови, подови, керамички садови и мноштво мелници за обработка на житото што се одгледувало во околните ниви.

Најголемиот куриозитет и европска ексклузивност на овие истражувања се двете огромни печки за леб во рамки на т.н. Градба 13, кои имаат аплицирани глинени сандаци за мелење на житото и месење на тестото. Поради своите монументални димензии, тие се вбројуваат меѓу најголемите неолитски печки досега пронајдени на европскиот континент. Врз едната од овие печки, научниците открија правоаголна структура во чиј јужен агол било погребано новороденче положено во превртен сад. Овој обред е исклучително редок во неолитска Европа и сведочи за длабока симболичка и духовна врска меѓу топлината на печката, домот (куќата) и садот со човечкото тело и новиот живот.

Покрај печките беа пронајдени и дваесетина керамички садови за готвење и јадење – дел од нив раскошно декорирани со бели орнаменти за церемонијален карактер – како и жртвеници, глинени модели на куќи, фигурини и разновидни алатки од камен и коска. Сите прибрани примероци во моментов се предмет на радиокарбон, археоботанички и геоархеолошки анализи во Германија и Швајцарија за да се утврди точната клима, исхрана и природна средина во тоа време. Резултатите наскоро ќе бидат објавени во реномирани европски научни списанија. Теренскиот дел е финансиран од нашето Министерство за култура и туризам, додека лабораториските анализи се покриени од Германскиот археолошки институт.

Асоцијација (24 јуни 2026)