Јагленот во Европа падна на историски минимум, обновливите извори и гасот се главен извор за производство на струја

Јагленот во Европа падна на историски минимум, обновливите извори и гасот се главен извор за производство на струја

Според прелиминарните податоци што денеска ги објави Евростат, во Европската Унија во 2025 година е забележан пораст на снабдувањето со природен гас и обновливи извори на енергија во споредба со претходната година, додека кај јагленот и нафтените деривати е регистриран сериозен пад.

Снабдувањето со природен гас во ЕУ бележи раст втора година по ред по големиот пад во 2023 година. Во 2025 година е зголемен за 2,3% во споредба со 2024 година, достигнувајќи околу 13,1 милиони тераџули (TJ). Снабдувањето со обновливи извори на енергија, исто така, пораснало за 1,4% и изнесува вкупно 11,5 милиони тераџули, и покрај значителниот пад кај хидроенергијата. Нуклеарната енергија забележала скромен раст од 0,2% со произведени 650.648 гигават-часови (GWh).

Наспроти ова, употребата на цврсти фосилни горива продолжува да се намалува. Снабдувањето со јаглен лигнит е намалено за 7,7% на 184.741 илјади тони, додека кај камениот јаглен падот изнесува 3,2% или вкупно 107.072 илјади тони. И двете бројки се на најниско ниво откако Евростат ја води оваа статистичка серија од 1990 година. Кај нафтените деривати, снабдувањето изнесувало 448.656 илјади тони, што претставува пад од 2,8% во однос на 2023 година.

Обновливите извори на енергија остануваат доминантни во производството на струја во ЕУ со удел од 47,2% од вкупното производство на електрична енергија, генерирајќи 1,33 милиони GWh (благ пад од 0,5% поради сушната година и хидропотенцијалот). Од друга страна, струјата добиена од фосилни горива пораснала за 3,2% и покрива 29,6% од вкупниот пазар (0,83 милиони GWh), додека нуклеарните централи учествуваат со 23,2% во вкупното европско производство.

Асоцијација (24 јуни 2026)