Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, и регионалната директорка на Светска банка, Карол Межеван, денеска потпишаа договор за грант во износ од 2 милиони долари. Овие неповратни средства се наменети за техничка помош, ажурирање на комплетната проектна документација и обука на корисниците, со што официјално се отвора патот за реализација на втората фаза за наводнување и третата фаза за производство на електрична енергија во рамките на проектот „Подобрување на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица“.
Грантот ќе го имплементира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку веќе постојната единица за модернизација на земјоделството, додека краен корисник на сите активности и капацитети ќе биде ЈП Хидросистем „Злетовица“ – Пробиштип. Предвидено е овој подготвителен проект да се реализира во времетраење од 18 месеци, со почеток од 1 јули 2026 година па сè до 31 декември 2027 година.
Конечната реализација на овие две фази од хидросистемот ќе претставува клучен чекор напред за македонскиот аграр бидејќи ќе обезбеди сигурно, стабилно и одржливо наводнување на земјоделските површини во овој регион. Тоа директно ќе придонесе за зголемување на продуктивноста на македонските фармери, поквалитетни и побогати приноси, како и значително поголема конкурентност на домашните земјоделски производи на пазарите.







