Отворен јавниот повик: До 30.000 денари државни субвенции за приклучок или котел на гас

Отворен јавниот повик: До 30.000 денари државни субвенции за приклучок или котел на гас
Сподели:

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги повикува граѓаните да ја искористат можноста за директна финансиска поддршка преку јавниот повик за субвенционирање на приклучоци и котли на природен гас.

Преку оваа мерка, домаќинствата можат да добијат поврат на средствата до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци. Вкупниот буџет обезбеден за оваа намена изнесува 3 милиони денари.

Право на учество на јавниот повик имаат домаќинствата кои ги исполнуваат следниве критериуми:

- За нов приклучок: Домаќинства кои во текот на 2026 година ќе извршат куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас.

- За котел на гас: Домаќинства кои ќе набават котел на природен гас за објект што веќе бил приклучен на дистрибутивната мрежа заклучно со 1 јануари 2026 година.

За едно домаќинство е дозволено поднесување на само едно барање. Доделувањето на средствата ќе се врши по принципот „прв дојден – прв услужен“, сè до целосно исцрпување на предвидениот буџет.

Крајниот рок за поднесување на барањата е 31 октомври 2026 година. По завршувањето на рокот, посебна комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа сите доставени апликации, по што ќе следува исплата на средствата за корисниците кои ги исполнуваат условите.

Целата документација и деталните информации за јавниот оглас се достапни на официјалната веб-страница на Министерството (energy.gov.mk).