Се воведуваат паметни гранични терминали со грант од два милиони евра од ЕУ

Се воведуваат паметни гранични терминали со грант од два милиони евра од ЕУ
Сподели:

Царинската управа започнува со имплементација на нов проект за модернизација на граничната инфраструктура, со кој се воведуваат паметни системи за целосна автоматизација на граничните терминали. За реализација на овој проект обезбеден е грант од Европската унија во висина од два милиони евра.

По спроведениот јавен оглас, веќе е потпишан договорот со изведувачот за набавка на новата опрема. Комплетната имплементација на проектот е предвидено да заврши до средината на следната година.

Автоматизацијата ќе овозможи увозот, извозот и транзитот да се евидентираат автоматски, за само неколку секунди по влезот на товарното моторно возило на царинскиот терминал. Постојните рампи и ваги ќе бидат заменети со нови дигитални системи поддржани со напредни аналитички видео камери.

Автоматските ваги и рампи ќе функционираат во директна врска со системот за видео надзор и за препознавање на регистарски таблички. Во тек е и постапката за набавка на софтверски интегратор со кој целиот систем ќе се поврзе во една целина, согласно сите стандарди на ЕУ.

Со оваа модернизација се очекува значително намалување на времето на чекање на границите и намалување на оперативните трошоци за превозниците. Истовремено, со намалувањето на улогата на човечкиот фактор при контролата, новиот систем ќе претставува и значаен механизам во борбата против криминалот и корупцијата.