Студентка платила за да положи стручен испит: Кривични пријави за професор и претседател на комисија за поткуп

Студентка платила за да положи стручен испит: Кривични пријави за професор и претседател на комисија за поткуп
Сподели:

Единицата за финансиски криминал при МВР поднесе кривична пријава до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција против три лица од Битола, Гостивар и Скопје, вклучени во корупциска шема за добивање уверение за положен стручен испит на Стоматолошкиот факултет.

Пријавени се 27-годишната А.Т. од Битола за „давање награда за противзаконито влијание“, 56-годишниот С.Ч. од Гостивар за „примање награда за противзаконито влијание“ и 63-годишниот С.Е. од Скопје за „примање поткуп“.

Според информациите од полицијата, студентката А.Т. во декември 2025 година, по повеќекратна комуникација преку апликацијата „Вибер“, префрлила парични средства на трансакциска сметка на С.Ч., професор на Стоматолошкиот факултет и поранешен потпретседател на Стоматолошката комора.

Целта на уплатата била професорот да изврши противзаконито влијание кај С.Е., кој во тој период бил претседател на Комисијата за полагање стручен испит при Министерството за здравство. Благодарение на оваа интервенција, студентката на 17 декември 2025 година го положила испитот и се стекнала со уверение за здравствен работник без да го поседува потребното знаење.

При извршените претреси кај второпријавениот и третопријавениот, полициските службеници пронајдоа и одзедоа парични средства во вкупна вредност од 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари.