Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека започнува проектот за третата фаза од изградбата на железничката пруга кон Бугарија, потенцирајќи дека ова ќе ѝ помогне на Северна Македонија да стане крстосница на двата важни паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10.
Мицкоски истакна дека сите претходни пречки се надминати и дека е постигната согласност со бугарската страна. Владата донела одлука за активирање на грант од Европската инвестициска банка, кој ќе обезбеди техничка поддршка за проектот. Оваа поддршка вклучува ревизија на основната проектна документација и потоа објавување на јавен повик за изградба.
„Техничката поддршка значи ревизија на основниот проект, ревизија на целосната документација и потоа објавување на јавен повик за изградба и на третата фаза, со што практично ние ќе ја заокружиме целата делница, којашто е дел од Коридорот 8, од Куманово до граница со Бугарија“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека и процесот од бугарска страна добро напредува, со што Коридорот 8 ќе биде целосно завршен. Премиерот исто така спомена и напредок во проектот за Коридорот 10, кој се реализира со Владата на Обединетото Кралство, нагласувајќи дека претстои период со „убави вести и убави моменти за Македонија и граѓаните“.