Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, најави два клучни чекори за зајакнување на контролата и ревизијата при управувањето со јавните средства. Според неа, силните институции и транспарентното трошење се темелот врз кој се гради довербата на граѓаните во системот.
Овие реформски чекори директно придонесуваат за исполнување на обврските од Поглавјето 32 - Финансиска контрола и реализација на Реформската агенда за приближување кон европските стандарди.
Првиот значаен чекор е унапредувањето на институционалната соработка со Државниот завод за ревизија преку потпишување Меморандум за соработка. Со ова се воспоставува цврста основа за заедничка борба против неправилности, измами и коруптивни дејствија во јавниот сектор.
Партнерството предвидува засилена координација, размена на податоци и искуства, како и примена на европските стандарди со цел поефикасна заштита на државниот буџет.
Како втор чекор, министерката го најави организирањето на првиот национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор. Со ова за првпат во земјава се воспоставува национална сертификација на внатрешните ревизори.
Димитриеска-Кочоска истакна дека секој денар од домашниот буџет и секое евро од европските фондови се средства на граѓаните, поради што зајакнувањето на човечкиот капитал и професионализацијата на кадрите остануваат основен приоритет.

