ЈП „Нискоградба“ Битола набави нова градежна механизација од 6 милиони денари

ЈП „Нискоградба“ Битола набави нова градежна механизација од 6 милиони денари

Јавното претпријатие „Нискоградба“ од Битола го модернизираше својот возен парк со набавка на нова градежна машина и надградби за товарни возила, во вкупна вредност од околу 6.000.000 денари. На денешната промоција, на која присуствуваше претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, и директори на општинските јавни претпријатија, беше истакнато дека ова е прва набавка на нова машина од ваков тип во изминатите 15 години.

Директорот на претпријатието, Зоран Талевски, посочи дека и покрај предизвиците со енергетската криза, инвестирањето во осовременување на техничките капацитети останува приоритет за подобрување на оперативната ефикасност.

Во рамки на оваа инвестиција набавена е нова градежна машина од брендот „HIDROMEK“, а извршена е и замена на две надградби на товарните возила „Renault Master“. Со овие нови ресурси, претпријатието значително ќе ја зголеми брзината и квалитетот при изведувањето на градежните и комуналните активности во градот.

Како јубилеен 100-тен купувач на машините „HIDROMEK“, претпријатието доби и посебен подарок – професионална машина за миење возила од компанијата „Синпекс“, со што дополнително ќе се унапреди одржувањето и хигиената на целокупната механизација.