Премиерот Христијан Мицкоски најави дека е дојдено време државата да преземе похрабар чекор и директно да застане зад изградбата на капиталниот хидроенергетски проект „Чебрен и Галиште“, наместо да се бара надворешен партнер како во изминатите децении.
Според Мицкоски, веќе постои сериозен интерес од меѓународни финансиски институции за поддршка на овој проект. Меѓу нив е и американската Меѓународна финансиска корпорација за развој (ДФЦ), која веќе присутвува во земјава преку грант од 5 милиони долари за рудникот за антимон Крстов Дол.
Пресметките и физибилити студиите покажуваат дека внатрешната стапка на повраток на инвестицијата е двоцифрена, што гарантира долгорочна економска исплатливост. Иако станува збор за стратешки проект чија реализација ќе опфати повеќе владини мандати, ефектот врз домашниот систем ќе биде повеќеслоен.
Хидроцентралата ќе служи како главен енергетски резервоар за стабилност на електроенергетскиот систем, додека акумулацијата ќе обезбеди дополнителни количини вода за наводнување на земјоделските површини во Тиквешкото Поле.
При добро темпо на подготовка, очекувањата се дека следната година може да се постави и камен-темелникот на оваа долгонајавувана инвестиција.

