НАСА: Над 75 земји ги потпишаа „Договорите Артемис“ за истражување на вселената

НАСА: Над 75 земји ги потпишаа „Договорите Артемис“ за истражување на вселената

Меѓународната коалиција за мирно, транспарентно и одржливо истражување на вселената забележа значајно проширување откако кон „Artemis Accords“ се приклучија Албанија, Хрватска, Брегот на Слоновата Коска и Сан Марино. Со ова, вкупниот број на земји потписнички достигна 76.

Според информациите од НАСА, ова претставува една од најбрзите експанзии на меѓународна соработка во историјата на цивилните вселенски програми, со што речиси 40 проценти од сите држави во светот денес активно соработуваат во рамки на оваа коалиција.

Администраторот на НАСА, Џаред Исакман, истакна дека овој замав ја потврдува растечката посветеност за одговорно истражување на вселената. Тој нагласи дека речиси една третина од сите потписнички се приклучиле за време на вториот претседателски мандат на претседателот Доналд Трамп, во чии рамки НАСА подготвува повторно слетување на американски екипаж на Месечината и изградба на база за идните мисии кон Марс.

Државите членки редовно одржуваат технички работилници и состаноци за координирање на лунарните слетувања, размена на научни податоци, спречување на мешање во мисиите и стандардизирање на опремата.

Следниот состанок на потписничките ќе се одржи во Анталија, Турција, каде фокусот ќе биде ставен врз поддршката за новите земји-учеснички во вселенските истражувања и управувањето со вселенскиот отпад.