Царинската управа заплени речиси 3.000 парчиња шверцувана стока на четири гранични премини

Царинската управа заплени речиси 3.000 парчиња шверцувана стока на четири гранични премини

Царинската управа објави дека во координирани акции на граничните премини Блаце, Табановце, Богородица и Ново Село, царинските службеници и мобилните тимови заплениле речиси три илјади парчиња разновидна стока.

Запленетиот асортиман вклучува облека со ознаки на заштитени трговски марки, алкохолни пијалоци, електронски цигари, играчки, козметика, па дури и мебел и автоделови.

Стоката, пронајдена во возила, автобуси и товарни моторни возила, била предмет на обиди за шверц или прекршување на правата од интелектуална сопственост. Против сторителите се водат посебни постапки.

На ГП Блаце се запленети повеќе од 700 парчиња разна стока:

- Во комбе, во фабрички шуплини, откриени се 600 играчки.

- Во друг случај, под патосници и во багажник на автомобил пронајдени се 143 парчиња парфеми и козметика.

- Откриени се и три гарнитури мебел во товарно возило кое било пријавено како празно.

На ГП Табановце, во три одделни случаи се запленети 26 шишиња алкохолни пијалоци (проценета вредност 30.000 денари), 209 електронски цигари пронајдени кај патник во автобус, како и уред за авто-дијагностика. Мобилен царински тим спречил и обид за шверц на осум сета воздушни и водни пумпи со соларен панел.

Мобилните тимови на ГП Богородица спречиле голем обид за прекршување на правата од интелектуална сопственост. Запленети се 1.200 парчиња безжични контролери за Sony PlayStation и 650 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки. Запленетата стока е одземена поради сомневање за фалсификат.

На ГП Ново Село се запленети автоделови пронајдени во автомобил управуван од македонски државјанин.

Царинската управа нагласува дека продолжува со засилени контроли на граничните премини во борбата против сивата економија и криминалот.

Следете ги најновите вести на Viber
Царинската управа заплени речиси 3.000 парчиња шверцувана стока на четири гранични премини