Истече рокот за ДДВ: УЈП предупредува на неплатени долгови за третиот квартал

Истече рокот за ДДВ: УЈП предупредува на неплатени долгови за третиот квартал

Управата за јавни приходи (УЈП) ја информираше јавноста дека и покрај истекот на законскиот рок на 27 октомври 2025 година, значителен број даночни обврзници сè уште не ги исполниле своите обврски за поднесување на ДДВ-04 пријавите и плаќање на даночниот долг за третиот квартал од 2025 година.

Според евиденцијата на УЈП, не се поднесени вкупно 2.209 тримесечни и 146 месечни пријави. Уште поголем е бројот на обврзници кои не го платиле пријавениот даночен долг, при што неплатени остануваат 7.436 тримесечни и 1.270 месечни даночни обврзници.

УЈП веќе достави персонализирани известувања до сите засегнати обврзници со пријавен, а ненаплатен долг. Во тек се и активности и мерки за координација со сметководителите и обврзниците со цел да се избегнат најстрогите мерки, како што се блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата.

„Редовноста во исполнувањето на обврските е знак на одговорност и доверба, вредности што заеднички го градат системот во кој сите учествуваме и веруваме“, истакнуваат од УЈП, потсетувајќи на важноста од навремено исполнување на обврските.

Управата предупредува дека за секој ден на задоцнување се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг, како и можност за изрекување на дополнителни глоби.

Од УЈП апелираат до сите даночни обврзници веднаш да го подмират својот долг. По доставувањето на опомените, Управата најавува дека ќе пристапи кон присилна наплата кај сите кои нема да го подмират долгот доброволно, со цел да се обезбеди стабилна даночна историја и да се избегнат непотребни последици.

Следете ги најновите вести на Viber
Истече рокот за ДДВ: УЈП предупредува на неплатени долгови за третиот квартал