Македонскиот пазар на струја е стабилен - МЕМО со раст од 40% и подготовки за спојување со Грција

Македонскиот пазар на струја е стабилен - МЕМО со раст од 40% и подготовки за спојување со Грција

Македонскиот пазар на електрична енергија е стабилен, конкурентен и активно се подготвува за целосна интеграција со европскиот пазар, беше истакнато на панел-сесијата во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (14-IFESD).

Управителот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО), Зоран Ѓорѓиевски, пред експертите и колегите од регионот истакна дека пазарот започнат во мај 2023 година, бележи значителен напредок и зголемена ликвидност.

Ѓорѓиевски наведе дека бројот на активни учесници во тргувањето достигнал 38, вклучувајќи ги речиси сите домашни производители и снабдувачи, како и повеќето регионални трговци.

До септември 2025 година, на пазарот се истргувани околу 1 TWh електрична енергија, што претставува над 21% од националната потрошувачка и импресивен раст од над 40% во однос на 2024 година, што јасно укажува на зголемена ликвидност и доверба. Постигнатите цени, според Ѓорѓиевски, реално ги одразуваат состојбите и овозможуваат Македонија да има своја референтна пазарна цена.

Во контекст на европската интеграција, Ѓорѓиевски нагласи дека Македонија е во финална фаза на транспонирање на регулативата од Electricity Integration Package, по што следува сертификација од Секретаријатот на Енергетската заедница. Со новиот Закон за енергетика, МЕМО повторно е назначен како Номиниран оператор на пазарот (NEMO) за следните четири години, обезбедувајќи институционална стабилност.

Клучни проекти на МЕМО се активното работење на подготовките за воспоставување Market Coupling (пазарно спојување) со Република Грција, како и финализирање на подготовките за Intraday Market, кој се очекува да биде оперативен до крајот на вториот квартал во 2026 година.

Паралелно, МЕМО го развива системот за Гаранции за потекло на електрична енергија, воспоставен во април 2025 година, чија следна цел е целосно членство во Асоцијацијата на издавачки тела (AIB) во Брисел и поврзување со европскиот хаб.

„Регионалната интеграција не е само технички процес, туку прашање на доверба и заедничка визија. МЕМО останува посветен на изградба на модерен, поврзан и конкурентен пазар кој ќе ја зајакне позицијата на Македонија во европската енергетска слика“, заклучи Ѓорѓиевски.

На форумот, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, УНДП и ОН, присуствуваат над 500 учесници од 70 земји.

Следете ги најновите вести на Viber
Македонскиот пазар на струја е стабилен - МЕМО со раст од 40% и подготовки за спојување со Грција