Дирекцијата за Технолошки Индустриски Развојни Зони (ТИРЗ) објави дека холандската компанија PWT Group BV, специјализирана за производство на висококвалитетни запчаници и менувачи, покажува интерес за потенцијална инвестиција во Македонија.
Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, денес оствари работна средба со високи претставници на холандскиот бизнис сектор: Питер ван дер Легте, извршен потпретседател на ВДЛ Груп, Аврам Стојчевски, генерален директор на ВДЛ Ван Хоол Македонија, и Питер ван дер Веген, генерален менаџер на PWT Group BV.
Во фокусот на разговорите е разгледување на моменталната состојба на компаниите и истражување на понатамошните можности за инвестирање и проширување на нивното присуство во рамки на Технолошките Индустриски Развојни Зони.
Директорот Димовски ја нагласи важноста на континуираната поддршка за сите компании во ТИРЗ, потенцирајќи ги атрактивните можности и стабилната бизнис клима што ги нуди Македонија. Тој истакна дека Владата и институциите активно работат на подобрување на условите за инвестирање, очекувајќи позитивен ефект врз националната економија.
Питер ван дер Веген од PWT Group BV, долгогодишен партнер на ВДЛ групацијата, изјави дека Македонија претставува атрактивна дестинација за инвестирање поради нејзината стабилна бизнис клима. Тој појасни дека производите на PWT Group BV, кои вклучуваат надворешни и внатрешни запчаници, менувачи и пињонски вратила, се користат во најсложените апликации ширум светот, исполнувајќи исклучително високи барања за квалитет.
Компанијата PWT Group BV, која користи ултрамодерни машини и најнови CNC техники, е специјализирана за тешки механички процеси. Нивните производи наоѓаат примена во бројни индустрии, вклучувајќи ја рударската, челичната, нафтената и гасната индустрија, како и индустријата за одржлива енергија.
Од страна на менаџментот на ВДЛ Ван Хоол беше изразено задоволство од досегашната соработка. Тие ги презентираа своите тековни активности и идните планови, нагласувајќи ги стратешките цели за континуиран раст, унапредување на производствените процеси и креирање на нови работни места.