Комерцијална банка со остварена добивка од 68,37 милиони евра во првите девет месеци од оваа година

Комерцијална банка со остварена добивка од 68,37 милиони евра во првите девет месеци од оваа година

Комерцијална банка АД Скопје ги објави неревидираните и неконсолидирани финансиски извештаи за работењето во првите три квартали од 2026 година. Банката оствари позитивен финансиски резултат во износ од околу 68,37 милиони евра, што претставува минимално намалување од 1,1 процент во споредба со истиот период минатата година кога добивката изнесуваше околу 69,11 милиони евра.

И покрај ова, планираната бруто-добивка за трите квартали е успешно остварена со 111,1 процент. Намалувањето на крајниот резултат главно е условено од помалку реализираните останати приходи од дејноста, односно понискиот износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот, додека редовните приходи од основната дејност бележат раст.

Вкупните приходи од работењето достигнаа околу 107,12 милиони евра, што претставува зголемување од 2,1 процент на годишно ниво. Основниот двигател на овие приходи се нето-приходите од камата, кои се зголемени за 3,8 проценти и бележат исполнување на планот од 105,3 проценти, поттикнати од зголемените пласмани во државни хартии од вредност и проширеното кредитирање на домаќинствата и компаниите.

Нето-приходите од провизии и надоместоци остварија значителен скок од 21,9 проценти и изнесуваат околу 17,94 милиони евра, остварувајќи го планот со 122,6 проценти како резултат на зголемениот обем на работење со клиентите во повеќе деловни сегменти.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат околу 5,41 милиони евра, додека останатите приходи од работењето се на ниво од околу 7,66 милиони евра.

На страната на билансот на состојба, вкупната пасива на Комерцијална банка заклучно со 30 септември 2026 година достигна околу 3,25 милијарди евра, што претставува зголемување од 3,8 проценти во однос на крајот на 2025 година.

Вкупните депозити на комитентите и банките изнесуваат околу 2,77 милијарди евра со раст од 3,3 проценти, додека акционерскиот капитал и резервите пораснаа за 5 проценти и изнесуваат околу 393,86 милиони евра, како резултат на прераспределбата на нераспределената добивка во резервен фонд и задржана добивка за инвестициски вложувања.

Во текот на мај, Комерцијална банка успешно ги исплати предвидените дивиденди за 2025 година во вкупен износ од 3,08 милијарди денари, односно 1.350 денари по акција.

Кредитите и побарувањата од други комитенти забележаа раст од 7,6 проценти како резултат на зголеменото кредитирање кај домаќинствата, како и кај јавните и приватните нефинансиски друштва. Истовремено, вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 12,7 проценти поради запишувањето нови државни обврзници и записи.

Оперативните расходи на Банката пораснаа за 5,2 проценти на околу 30,56 милиони евра најмногу поради зголемените трошоци за плати на вработените, додека нето-исправката на вредноста на финансиските средства изнесува околу 8,19 милиони евра со зголемување од 22,1 процент поради влошување на портфолиото кај дел од правните лица.