Мицкоски: Јас сум за отворање рудник за антимон во Крстов Дол, ист став има и градоначалникот на Крива Паланка

Мицкоски: Јас сум за отворање рудник за антимон во Крстов Дол, ист став има и градоначалникот на Крива Паланка

На денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски, отворено ја изрази својата поддршка за отворањето на рудникот за антимон во местото Луке на Крстов Дол, во општина Крива Паланка. Премиерот притоа посочи дека за овој значаен проект постои согласност и со локалната власт, нагласувајќи дека градоначалникот на Крива Паланка, иако доаѓа од редовите на СДСМ, има поинаков и позитивен став во однос на раководството на својата партија и го поддржува развојот на овој рударски капацитет.

Во однос на чувствителните рударски концесии низ државата, Мицкоски објави дека Владата извојува победа во меѓународниот арбитражен спор за рудникот „Казандол“. Арбитражната постапка, која беше покрената од украинскиот концесионер по раскинувањето на договорот од страна на претходната власт, заврши во корист на државата. Со оваа одлука, украинската компанија е задолжена во целост да ги покрие сите трошоци за арбитражата, со што државниот буџет нема да има никакви финансиски последици односно трошокот за Македонија изнесува нула денари.

Говорејќи за предметот „Иловица-Штука“, премиерот направи хронолошки преглед на одлуките од изминатите години, потсетувајќи дека целиот процес започнал уште за време на владата на Владо Бучковски, а подоцна бил дополнително компликуван со одлуките за спојување и поништување на концесиските подрачја од страна на претходниот владин состав. Мицкоски појасни дека Вишиот управен суд ја поништил втората владина одлука и ја вратил во сила првичната одлука за спојување на концесиите, но за реализација на истото е потребен анекс на договорот кој не е правно регулиран со законот.