Откриена голема злоупотреба на субвенции: Пријавувале необработено земјиште за државна поддршка

Откриена голема злоупотреба на субвенции: Пријавувале необработено земјиште за државна поддршка

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој продолжува со интензивни теренски проверки на пријавените земјоделски површини низ државата. Целта на овие активности е обезбедување законито, транспарентно и одговорно користење на јавните средства, како и гарантирање дека државните субвенции ќе завршат исклучиво кај оние земјоделци кои реално произведуваат.

Директорката на Агенцијата, Даниела Иротова Лазарева, реализираше ненајавен теренски увид во работењето на контролните служби за директно да се запознае со начинот на кој се утврдува фактичката состојба на терен. На нејзина иницијатива, а по претходно добиени информации и реакции од земјоделци, извршена е вонредна контрола кај поголемо земјоделско стопанство со пријавена површина од околу 60 хектари. Според службената евиденција, овој субјект не бил опфатен со теренска контрола повеќе од 15 години, а не бил вклучен ниту во првичниот мостра-примерок за 2026 година.

За време на теренскиот надзор се утврдени и документирани големи отстапувања меѓу пријавените култури и реалната состојба. Со примена на прецизни GPS-мерења и преклопување со податоците од Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП), контролорите евидентираа необработени површини, тревна вегетација, па дури и градежни објекти и базен за вода кои лажно биле пријавувани како површини под земјоделско производство.

Иротова Лазарева ја истакна професионалноста на инспекциските екипи и порача дека целта на Агенцијата не е казнување, туку заштита на чесните земјоделци кои вложуваат сопствен труд и средства. Покрај непосредните теренски акти, Агенцијата спроведува и контроли од далечина преку сателитски снимки, што дополнително го олеснува откривањето на неправилностите. Поради утврдените оштетувања, најавено е и преиспитување на критериумите за избор на субјекти за контрола, со цел воведување уште поригорозни филтри и заштита на државниот буџет.