Триглав Осигурување со добивка од 2,29 милиони евра во првите девет месеци од годинава

Триглав Осигурување со добивка од 2,29 милиони евра во првите девет месеци од годинава

Триглав Осигурување АД - Скопје ги објави неревидираните финансиски извештаи за работењето во првите три квартали од 2026 година. Компанијата оствари нето-добивка од околу 2,29 милиони евра, што претставува зголемување од 3 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Нето-приходите од премија за периодот јануари-септември достигнаа околу 14,93 милиони евра, што претставува раст од 3 проценти, односно зголемување за околу 487,8 илјади евра во однос на 2025 година. Позитивното влијание врз овие приходи главно произлегува од промената во нето-резервите за преносна премија, која донесе околу 1,17 милиони евра, како и од движењето на премијата предадена во реосигурување и соосигурување.

Истовремено, приходите од финансиски вложувања изнесуваат околу 764,2 илјади евра и се за 14 проценти пониски поради помалиот обем на вложувања и намалените реализации од хартии од вредност, додека приходите по основ на провизии од реосигурување пораснаа за 11 проценти и достигнаа околу 1,46 милиони евра.

На расходната страна, нето-расходите за штети се во износ од околу 6,36 милиони евра и бележат зголемување од 11 проценти, односно за околу 650,4 илјади евра во споредба со минатата година, главно како резултат на промените во нето-резервите за штети.

Од друга страна, бруто-ликвидираните штети забележаа пад, особено во каско осигурувањето на возила и автоодговорноста. Нето-трошоците за спроведување на осигурувањето се намалени за околу 243,9 илјади евра и изнесуваат околу 6,31 милиони евра, првенствено заради отсуството на трошоци за закуп на главен деловен простор, по стекнувањето со сопствен деловен објект.

Во текот на периодот од 1 јануари до 30 септември 2026 година, Друштвото нема извршено промени во сметководствените политики, нема исплатено дивиденди, ниту пак има значајни вложувања или продажба на материјални средства и кредитни задолжувања.

Согласно најновите естимации за целата 2026 година, Триглав Осигурување очекува остварување на бруто-премија од околу 29,41 милиони евра и годишна нето-добивка во износ од околу 1,92 милиони евра, продолжувајќи со стабилно, профитабилно и одржливо работење во рамките на Стратегијата на Групацијата Триглав за периодот 2026-2030 година.