Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во тесна соработка со Царинската управа, спречија обид за нелегален увоз на две пратки со неозначени јајца од Република Србија.
Акцијата е резултат на повеќемесечно следење на сомнителни активности на домашни увозници и извозници, при што на граничниот премин Табановце, зад првите редови на уредно декларирана стока, биле откриени вкупно 572.400 необележани свежи јајца.
Според оперативните сознанија на надлежните, планот на сторителите бил овие јајца дополнително да се обележат и лажно да се продаваат како македонски производ, со што директно би се нанела штета на угледот и конкурентноста на домашните фарми.
Поради утврдените неправилности и неможноста да се гарантира безбедноста, вкупната количина од над 40 тони јајца е прогласена за небезбедна и веќе е нештетно уништена на депонијата „Дрисла“.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство порачуваат дека продолжуваат со бескомпромисната борба против измамите со храна и засилените теренски контроли за заштита на здравјето на граѓаните. Против инволвираните субјекти ќе бидат изречени соодветни законски санкции, а надлежните најавуваат и детални проверки на нивното целокупно досегашно работење.






